Селото е сместено на источниот дел од Преспанското Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 1000 метри.

Брајчино се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Ресен, чиј атар се издигнува до југозападниот срт на планината Баба, каде што се допира со атарот на Општина Битола, како и со државната линија на јужниот сосед. Се наоѓа 6 километри од езерото, а на 32 километри оддалеченост од градот Ресен.

Брајчино се граничи со следниве села: со Штрбово и Арвати на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селата: Нижеполе, Злокуќани, Острец, Граешница и Кишава) на исток, со селото Долно Дупени и територијата на Грција (во тој склоп со селото Герман) на југ и со селото Љубојно на запад.

Во областа Преспа, Брајчино има најголем селски атар. Се простира на површина од 6028 хектари (околу 60,28 км²) и безмалку зафаќа исклучително ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума (даб, бука, јавор, јасен, бор, ела, смрека и др.) и тревнати пасишта.

Низ селото тече бистрата и бујна Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало од нејзината лева страна и Долно Маало на нејзиниот десен брег. Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри водотеци (леви и десни притоки на Брајчинска Река или Стара Река, како што ја нарекуваат мештаните) на која некогаш во селото работеле 12 воденици и 4 валалници.

Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите од блок-тула, покриени со ќерамиди. Околу куќите постојат дворни места во кои се изградени стопанските и други објекти (плевни, штали, тремови, гумна, гаражи, магацини, фурни и др.), а во некои постојат зеленчукови и овошни градини. Поголем број од постарите куќи се обновени, а се изградени и нови.

Планинските падини околу Брајчино изобилуваат со густа букова и дабова шума, а од самото село почнувајќи од ширината на игралиштето пред Горното Маало водат неколку обележани планинарски патеки кои низ густата букова, дабова и ореова шума богата со извори водат кон врвот Пелистер (3 часа) и Големото Езеро од Пелистерски Очи (6 часа), планинарските домови Неолица и Копанки и селото Нижеполе во Битолско, кои се обележани со патоказни табли и планинарско обележување (маркација).

Галерија

Arrow
Arrow
ArrowArrow
Slider

Moжеби ќе ве интересира

—————-